Гостиварка на која станот и‘ изгоре во пожар бара помош

Самохрана мајка со две малолетни деца од Гостивар ги живее најтешките денови од својот живот. Џемиле Хорман остана без покрив над главата среде зима, откако станот целосно и‘ изгоре во пожар. Ни се обрати со надеж дека институциите, фирмите, хуманите граѓани ќе и помогнат да го оспособи живеалиштето со основни услови, за да не остане надвор на студот со дечињата.

„Многу трауми преживуваме и јас и децата, сега немаме ништо, се‘ ни изгоре, останавме на улица. Одам по пријатели, каде ќе не приберат да преспиеме. Едното дете кај едни го оставам, другото на друго место, како што може. Ова живот ли е, да се влечеш по улици, не можам да ги оставам по улици моите две деца. Моментално не работам, од социјално што даваат леб да се купи, ако ме викнат некаде ќе одат да чистам, било што. Ги молам сите луѓе, фирми што може да ни помогнат да го санираме станот и да се вратиме дома“, вели Џемиле.

Поголемиот син на Џемиле, десетгодишниот Рахман е четвртоодделенец. По пожарот не може ни да се вклучува во онлајн настава, затоа што во огнот му изгорел и телефонот, преку кој учел. Ова храбро дете поминало страшни моменти кога се запалил станот. Во тие моменти таму бил и неговиот чичко, братот на Џемиле. 

Во станот Џемиле со своите деца живеела последните три години, а е добиен како подарок од косовскиот хуманитарец Халил Кастрати. Тој го забележал малиот Рахман како игра фудбал, а откако разбрал дека децата со самохраната мајка живеат во мизерни услови, им купил стан. За жал, пожарот што се случи минатиот месец, го врати ова семејство во канџите на бедата. Секој што сака да им помогне може да ги исконтактира на тел.број 071-695-640.

error: Content is protected !!