Гостиварци излегоа на протест за состојбата на Русино

Гостиварци вчера попладне преку мирен протест со автомобили го искажаа својот револт од состојбата на депонијата Русино и штетните последици што ги предизвикува врз здравјето на граѓаните. Тие побараа дислокација и затворање на, како што велат, ѓубриштето, кое веќе неколку месеца постојано гори, а чадот се чувствува и во градот.

Колоната од повеќе од двесте автомобили, со по еден до двајца жители на Гостивар, поради пандемијата, но и велосипедисти своето дефиле го започна од населбата Дутлок и се упати кон централното градско подрачје во знак на протест против палењето на регионаланата депонија Русино и штетните последици врз здравјето на граѓаните.

„Русино гори непрекинато неколку месеца и ги труе жителите на Гостивар и околината, а притоа ѓубрето трули и тој исцедок ја загадува почвата, подзенмите води, храната“, велат организаторите, Граѓанската иницијатива „Стоп Русино, чист воздух за Гостивар“.Организаторите бараат дислокација и затворање на депонијата.

Поддршка на протестот даде и првиот човек на општината, Арбен Таравари. Тој вели дека депонијата Русино е 20-годишен проблем на општина Гостивар, а нејзино дислоцирање во скоро време ќе биде потешко.

Градоначалникот Таравари истакна дека за палењето на депонијата, за кое постои сомнение дека е намерно, е поднесена кривична пријава за непознат сторител до Јавното обвинителство, а ангажирана е и компанија која треба да врши видео надзор врз депонијата.  

Инаку, ова е втор протест во Гостивар месецов насочен против Русино, каде состојбата е веќе алармантна, особено со зачестеното палење на отпадот. 

error: Content is protected !!