Гостиварци чекаат со часови пред банките за да си отворат сметки

Пропаѓањето на Еуростандард банка создаде големи гужви пред останатите банки. Во Гостивар од почетокот на неделава, пред сите филијали на банките може да се забележат долги редици од граѓани. Поранешните клиенти на Еуростандард бараат чаре, час поскоро да си отворат трансакциска сметка на друго место. Во спротивно нема да можат да си ги добијат навреме платите, пензиите, социјалната помош и слично.

Пред вратите на банките се чека по неколку часа. Многу од граѓаните ставени на мака, се револтирани.

Гостиварката Мубера Зендели вели дека 4 дена талка по банките и чека со часови, поради што е приморана нејзината неподвижна мајка да ја остава дома сама на ризик. Полномошното кое и било издадено од Еуростандард не се признава во другите банки.

„Јас сум полномошник на мајка ми која има 84 години и е неподвижна. Зема пензија и надоместок за туѓа нега околу 4.400 денари. Полномшното што ми важеше за Еуростандард, сега ми викаат не се признава за другите банки. Вчера отидов во Халк банка, два и пол часа чекав само за да прашам. Кога влегов внатре ми рекоа дека овој документ не важи, ќе мора друг. После отидов во Стопанска и тука чекав уште час и половина. Значи толку време мајка ми дома, што е неподвижна ја оставив сама, а сешто може да се случи. На таков човек му треба хранење, лекови да му дадеш, секакви потреби има.“, кажува Зендели.

За да ги комплетира документите и извади полномошно кое важи во друга банка, гостиварката морала да се изложи на дополнителен трошок.

Освен нетпрение и нервоза, гужвите пред банките носат и потенцијален ризик од ширење на коронавирус.

error: Content is protected !!