Гостивар вчера беше зафатен од силна бура

Се споија небото и земјата. Вчера попладне Гостивар беше зафатен од силно невреме, проследено со ветер, пороен дожд и град со големина на лешник.

Бурата траеше дваесетина минути и ги преполни улиците со вода. Поплавен беше и во подрумскиот дел на гостиварската болница, кадешто е сместена техничката служба и неколку амбуланти. Денес состојбата е нормализирана.

„Откако престанаа врнежните вчера реагиравме да ја евакуираме водата од поплавениот дел, по што се изврши темелно чистење на просторот. Денес веќе се спроведува и дезинфекција. Состојбата е нормализирана за да може да се пружат сите услуги на пациентите и да не се попречува работата на медицинските служби“, изјави директорот на болницата д-р Јакуп Јакупи.

Според информациите од подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување во Гостивар, штети со поголеми размери од невремето не се регистрирани. Неколку граѓани од градот и околните села пријавиле поплавување во домовите. При елементарни непогоди, поцедурите налагаат случаите да ги разгледа и за нив да одлучи, посебна општинска комисија за проценка на штети.