Гостивар одбележува 76 години од ослободувањето на градот

Гостивар ја живее својата 76-та година како слободен град. 18-ти Ноември е значаен датум од историјата на Гостивар, испишан како Ден на конечното ослободување. По тој повод, општинскиот одбор на Сојузот на борци организираше одбележување. Заради пандемијата годинава изостана традиционалната свеченост со културно-уметничка програма и доделување признанија. Сепак, празникот на градот се прослави со положување на цвеќе и пригоден осврт за историските моменти од ослободувањето и значењето.

„Ослободувањето на Гостивар го поготвија и извршија единиците на 15-тиот македонски корпус од 41 и 48 дивизија и 7-мата бригада на 49 дивизија. Денес го одбележуваме најзначајниот ден од историјата на Гостивар, кога се создадени услови за слободен живот во слободна Македнија. Од тој ден нашиот град пулсира како слободен град и се движи по патеката на својот слободен развој“, истакна Радислав Ѓиноски, претседател на Сојузот на борци во Гостивар.

Во народно-ослободителната војна животот го загубиле 322 активни борци од гостиварскиот регион, како и 158 жртви на фашизмот.

Буќети цвеќе на споменикот на паднатите борци од НОВ положија делегации на боречката организација и на ВМРО-ДПМНЕ. Чествувањето на 18 Ноември продолжи со поклонување пред споменикот на народниот херој „Чеде Филипоски-Даме“ и спомен плочата близу црквата на плоштадот во Гостивар, поставена во чест на шестмината активисти од Народноослободителната војна, кои биле стрелани во предвечерието на ослободувањето на градот.

error: Content is protected !!