Гостивар станува жариште на коронавирус

Ширењето на коронавирусот меѓу населението во регионот на Гостивар зазема сериозни размери. Високи бројки на новозаразени, редици пред епидемиологија за тестирање, исполнети болнички капацитети со пациенти на кои поради компликации им е неопходна хоспитализација. На инфективното и на интерното одделение во гостиварската болница од ковид се лекуваат 50-тина лица со средно тешка и тешка клиничка слика. Пациенти амбулантски се лекуваат и во објектот на поранешна дијализа.

„Одделението е преполно, имаме неколку пациенти кои се на кислородна поддршка, останатите се со средно-тешка состојба. Праќаме и на интерно, полесните ги третираме на дијализа, тие примаат терапија се враќаат дома, па утредента повторно доаѓаат по терапија. Таму имаме осум кревети. Повеќето хоспитализирани пациенти се над 60 години, со коморбидитети, помалку имаме помлади пациенти. Ние колку што можеме се бориме за секој пациент, заедно со екипата. Апелот до граѓаните секогаш е ист, да се носи маска, да се одржува дистанца и редовна хигиена. Тоа мора да се почитува, ситуацијата е сериозна“, изјави д-р Ратко Наумоски, раководител на инфективното одделение во Гостивар.

И покрај алармантната состојба, кај голем дел од граѓаните се уште постои неверување во сериозноста на вирусот. Лекарите оценуваат дека мерките за заштита не се почитуваат доволно.

Бројката на активно болни во општините Гостивар, Врапчиште и М.Ростуше моментално е 639. Вчера беа регистрирани рекордни 84 новозаразени.

error: Content is protected !!