Гостивар ќе добие атрактивен спортско-рекреативен центар покрај Вардар

Гостивар ќе добие атрактивен спортско-рекреативен центар покрај Вардар. Работите за изградба се веќе отпочнати. Градежната механизација најпрво го уредува и подготвува теренот, а потоа ќе се пристапи и на вметнување на елементите. Освен вообичаената урбана опрема во шеталиште, како клупи, корпи за отпад, канделабри, предвидени се специјални патеки за стари и лица со посебни потреби, вештачки карпи за качување, други реквизити за вежбање и слично. Центарот ќе се протега на кејот од малиот до големиот мост, во должина од скоро половина километар.

Инвестицијата е на Општина Гостивар, во рамки на проектот„ Јакнење на општинските совети“, што го спроведе УНДП со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка.    

„Општина Гостивар минатата година аплицираше и го доби проектот. Се одржаа повеќе форумски сесии со граѓаните за да го слушнеме нивното мислење и предлози и во декември предлогот за вакво уредување на Кејот, беше избран како приоритетен. Ова е една од капиталните инвестиции на општината во оваа година.“, рече Дашмир Османи, координатор на проектот.

Работите за изградба на центарот се одолговлечени поради изборите и состојбата со короната, но проценка на надлежните е дека комплетно ќе завршат наесен.

Реализацијата на овој проект, кој сигурно ќе ги израдува гостиварци, чини 250 илјади евра. 50 илјади се обезбедени од Швајцарската агенција за развој, додека 200.000 од буџетот на Општина Гостивар.

error: Content is protected !!