Гостивар ќе има мрежа од пет мерни станици за квалитет на воздухот

Гостивар ќе добие уште две мерни станици со ласерски сензор за квалитетот на воздухот. Како мрежа, заедно со постоечките три, во иднина ќе даваат поцелосна слика за состојбата со аерозагадувањето во градот. Според најавите, новите мерачи ќе бидат ставени во функција за околу две недели. Локациите се‘ уште се под знак прашалник, но најверојатно тоа ќе биде на патот кон Русино кај некогашните касарни и во околината на некогашна Силика. За таа цел, Општина Гостивар потпиша меморандум за соработка со група граѓани кои претходно  веќе поставија две сензорни станици за квалитет на воздухот. 

„Податоците од мерните станици ќе се прикажуваат на веб страницата на општината. Важно е граѓаните да може точно да се информираат дали и колку е загаден воздухот. Се надевам дека ова е само почеток на нашата соработка. Доколку има потреба, во иднина ќе поставуваме мерни станици и на други локации, кадешто има потенцијални загадувачи.“, изјави градоначалникот Арбен Таравари, кој во својот кабинет ги прими Благоја Беловинов и Богдан Јелискоски, дел од тимот млади гостиварци што го реализира проектот за сензорски мерни станици.

„Целата идеја со Богдан започна зимата 2017 кон 2018 година кога во Гостивар немаше ниедна мерна станица и не можеше да се добие информација колку е загаден воздухот, иако беше очигледно дека има загадување. Решивме да направиме наша сензорска мрежа, потоа од општината рекоа дека и тие се заинтересирани за таков проект, бидејќи имаат план да воспостават мрежа.“, рече Беловинов.

Моментално во Гостивар активни се три мерни аеро станици. Државната станица е поставена во дворот на ОУ „Гоце Делчев“, а сензорните кај големиот пазар и близу некогашен Жито Шар.  

error: Content is protected !!