Градинките во Гостивар подготвени – Околу 160 родители се пријавиле да ги носат децата

Ковид пандемијата ги остави градинките без детски џагор скоро шест месеци. Откако се усвои протокол се чека на одлуката на Владата, кога ќе отпочнат со работа. Во меѓувреме управите ги вршат неопходните подготовки за повторен прием на дечиња. Правилата се строги. Мора да се одржува високо ниво на хигиена, честа дезинфекција, миење на рацете и проветрување, воспитувачките се задолжени да носат маски, на влез на децата ќе им се мери температура итн. Гостиварските градинки се подготвени повторно да ги отворат вратите за децата. Пред самиот почеток, ќе се спроведе уште една темелна дезинфекција.

„Подготвени сме да отпочнеме со работа. Беше извршена темелна дезинфекција, а тоа повторно ќе се проведе неколку денови пред да почне приемот на дечиња. Го добивме протоколот од Министерството за труд и социјала и се подготвивме за негово целосно спроведување. Воспитувачките и негувателките се запознаени со мерките и нивните обврски, исто така и персоналот што е задолжен за хигиената. Секако, и родителите ќе ги информираме навремено. Се уште не се знае кога градинките ќе почнат да згрижуваат деца, и во очекување сме на таа одлука“, вели директорката на детските градинки во Гостивар, Мирјана Мицоска.

Интерес за згрижување на децата има. Околу 160 семејствата се изјасниле дека имаат потреба да ги носат децата во градинка. При тоа доставиле потврди дека се вработени и двајцата родители, што е услов за да се згрижи детето. Предност исто така ќе имаат и самохрани родители. Според протоколот, групите треба да имаат максимум 15, односно 6 деца зависно возраста.

При нормални услови трите детски градинки и центрите за ран детски развој во Гостивар може да примат од 700 до 800 деца. Согласно новиот протокол, во услови на пандемија капацитетот се намалува на 340.

error: Content is protected !!