Градоначалничката Арифи во посета на О.У. „Братство – Миѓени“

Зголемување на свеста кај учениците во однос на еколошките вредности – ова е целта на дебатите кои се одржуваат во училиштата во Тетово, а на кои присуствува и градоначалничката Теута Арифи. Ваквите активности започнаа минатата недела, со промовирање и инсталирање на инвертерите како начин за греење и користење на енергијата. Денес, Арифи го посети „Братство Миѓени“, лоцирано на Спортскиот центар во Тетово.

„Како и минатата недела продолжуваме со ваквите активности. Денес сме во основното училиште Братство-Миѓени, каде што освен инсталирањето на инвертерите, ќе се одржи и дебата преку која ќе се крене свеста за користењето на одредени механизми за справување со загадувањето“, рече Арифи.

Во однос на лошите услови во тоалетите и недостигот од спортски терени во училиштето, Арифи истакна дека во текот на летниот период ќе се работи на тие инвестиции.

„Разговаравме и со директорот и сметаме дека летниот период е соодветен за завршување на тие проекти. Во план е додека трае летниот распуст да се работи на таквите инвестиции“, рече Арифи.

Градоначалничката истакна дека ќе продолжат да ги промовираат и другите проекти кои се планирани за училиштата, а додаде дека со дебатите очекува да се зголеми знаењето и кај децата и кај возрасните во однос на можностите на новите технологии во справувањето со загадувањето.

error: Content is protected !!