Граѓаните да се вакцинираат против ковид, особено ризичните групи – препорачуваат лекарите

На прагот на ковид вакцинацијата во нашата земја, лекарите потсетуваат дека колективниот имунитет ќе се стекне само преку имунизација на населението и препорачуваат граѓаните да се вакцинираат. Објаснуваат дека ваквите препораки особено важат за ризичните категории, како здравствениот персонал кој секојдневно има контакти со пациенти, хронично болните, како и повозрасните лица. Со вакцината ранливите групи ќе добијат заштита од коронавирусот, кој кај нив може да предизвика сериозни здравствени компликации.   

Раководителот на инфективното одделение во Гостивар, д-р Ратко Наумоски е дециден во ставот дека граѓаните треба да ја прифатат вакцината како сигурна антиковид мерка.

„Препорачувам граѓаните да примат вакцина, така ќе се создаде колективен имунитет. Јас секоја година се вакцинирам против грип, спаѓам во ризична група и како инфектолог и дијабетичар сум, на инсулин, и од вакцината сум имал корист. Ќе примам вакцина и против ковид“, вели Наумоски.

Од денес е пуштена во употреба веб страницата за закажување термин за вакцинација. Пријавувањето е едноставно, со внесување име и презиме, матичен број и телефонски број. Потоа системот преку СМС порака испраќа код кој граѓанинот треба да го внесе во обележаното поле. Одбира пункт на вакцинација, внесува е-маил адреса и го испраќа барањето. По ова системот автоматски ги обработува податоци и поканата за примање вакцина е според распоредување во групите.

Националниот план за вакцинација во Македонија ќе се одвива во три клучни фази, почнувајќи од здравствените работници и сите лица над 70 години во првата фаза.

Вакцинација ќе се врши во постоечките вакцинални пунктови. За секој граѓанин кој ќе ја прими првата доза, веднаш ќе биде резервирана и втората што треба да ја прими по 21 ден.

error: Content is protected !!