Гужва на гостиварскиот пазар и покрај препораките да се избегнуваат собирања

Глетката од денешниот пазарен ден на градскиот пазар во Гостивар скоро и да не се разликуваше од вообичаената во вторниците. Генерално истата слика, тезги со разновиден зеленчук и овошје, пазарџии кои си ги нудат производите и граѓани излезени да купуваат.

И покрај препораките да се избегнува собирање на луѓе, актуелната ситуација со коронавирусот се чини како да не ги исплаши ни продавачите, ни муштериите. Единствено можеше да се забележи дека дел од граѓаните дојдени да пазарат носеа маски и ракавици. Кај трговците, тоа сосема малку се практикуваше. Тие сепак рекоа дека денес имале помалку купувачи.

„Има помалку муштерии за разлика од претходниот вторник, но сепак не е празно, има народ, излегуваат, си пазарат. Сега, дали се плашат од вирусот не знам, можно е, затоа и некои ставаат маски“, рече продавач на зеленчук.

Некои од граѓаните коишто ги сретнавме денеска на пазарот во Гостивар, се пожалија дека цените на одредени производи се покачени. Што се однесува до мерките за заштита од вируси, велат дека ги следат препораките, но мора и да пазарат за јадење и пиење.

„Не треба да ги поскапуваат цените, на пример лимонот е дупло поскапен, не е убаво тоа“, рече купувачка.

На гостиварскиот пазар во Гостивар во вторниците доаѓаат трговци од целиот полошки регион, а за да пазарат граѓани од сите села на поширокото гостиварско подрачје. Во гужвата, на пазарот денес не се почитуваше препораката да се држи растојание од барем 1,5 метри меѓу луѓето.

Powered by Live Score & Live Score App