„Дај не фрлај“ група на социјалните мрежи и за регионот на Тетово

Социјалните мрежи начин да се помогне на социјално загрозени семејства.

Покуќнина, облека и други предмети, кои некому веќе не му се потребни може да се подарат на лицата на кои им требаат. Токму со ваква цел е формирана група „Дај не фрлај – Тетово“ на социјалната мрежа Facebook, на која членовите објавуваат постови со ваква содржина, но и апели за помош.

„Фејзбук групи под наслов Дај не фрлај веќе постојат, но моја беше идејата да се направи за Тетово и Тетовско. Групата, освен за социјално загрозени семејства е и за секој којшто нешто му треба да може да побара и некој којшто го има тоа да може да го подари. Има граѓани кои реновираат, па наместо да ја фрлат покуќнината може да ја подарат некому“ , вели Габриела Јаковска, која ја формираше групата Дај не фрлај – Тетово.

Габриела Јаковска доброволно организира хуманитарни акции, упатувајќи апели и поврзувајќи ги семејствата на кои им треба помош до добро намерните граѓани.

„Се е доброволно, зашто имам слободно време и сакам да помогнам. Возрасните понекогаш знаат да бидат и неблагодарни, но децата кога ќе те видат дека носиш нешто, тој сјајв и среќа во нивите очи не се опишува. Има семејства коишто бараат храна за да го поминат месецот, има семејства којшто имаат потреба од облека, но и семејства којшто живеат во нехумани услови“, истакна Јаковска.

Јаковска за првпат се вклучила во хуманитарна активност сосема случајно, во проект во кој се барале волонтери за да им се помогне на матуранти од загрозени семејства. При посетата на едно семејство таа сфатила дека има луѓе на кои навистина им е потребна помош.

„Апел до тетовчани ако имаат нешто да не фрлаат, нека се приклучат на групата, може и мене да ме побараат, знам во секое време што на кому е потребно. Апел и до тие што немаат, да не се срамат, а исто така сакам да апелирам и до фирмите да донираат“, додава Јаковска.

Данијела Билбилоска

error: Content is protected !!