Двајца тетовци преку видео покажаа колку им е тешко на лицата со посебни потреби да се движат низ тетовските улици

Сакајќи да покажат колку им е тешко на лицата со посебни потреби да се движат со количка низ тетовските тротоари и улици, тетовците Хасим Мемиши Сопи и Енис Ајрулаи објавија кратко видео кое за кратко време стана многу популарно. На овој потег се одлучиле за да им укажат на општинските власти, но и на големиот број несовесни сопственици на возила во Тетово дека лицата со посебни потреби, како и мајки со колички и стари луѓе, имаат големи проблеми да се движат.

„Со овие проблеми ние секој ден се соочуваме, па затоа решивме нешто да направиме за да ја подигнеме свеста кај оние кои ги паркираат возилата каде што ќе стигнат, а најчесто на тротоарите и со тоа им го попречуваат движењето на лицата со инвалидска количка“, вели Енис Ајрулаи за идејата за снимањето на едно вакво видео.

„Изработката на видеото беше волонтерска работа, во која, покрај Енис, беше вклучен и Бесиан Лека како снимател и монтажер. Видеото е снимено во еден ден за четири часа. Го ставивме Енис во инвалидска количка, јас ја туркав, а Бесиан снимаше и така тргнавме на една ‘прошетка‘ низ тетовските тротоари и улици. Но, за тие четири часа снимање видовме вистински маки бидејќи на многу места беше невозможно да се движиме со количката поради големиот број непрописно паркирани возила, високите тротоари и неиспразнетите контејнери. Правевме разни маневри, се симнувавме на улица, па повторно се качувавме, вртевме околу возилата, со еден збор вистински се намачивме и сега, ако нам ни беше исклучително тешко да се движиме, можеме само да замислиме колку им е тешко на лицата со посебни потреби. Затоа сметаме дека Општината и централната власт треба многу да направат за лицата со посебни потреби“, дополнува Хасим Мемиши Сопи.

Видеото кое го направија го споделија на социјалните мрежи и за кратко време стана вистински хит во градот.

„Имавме навистина прекрасни коментари. Посебно нѐ трогна коментарот на едно лице со посебни потреби кое ни напиша „многу ви благодарам за ова што го направивте, само вие мислите на нас“. Еден иселеник во Швајцарија бараше да му кажеме кое е лицето во количката бидејќи сакаше да му помогне и да прати количка на електричен погон. Ова наше видео за една недела собра околу 53.000 прегледи и ние искрено се надеваме дека меѓу тие што го гледале видеото се и градоначалничката на Тетово Теута Арифи и други раководни лица од Општината. Затоа ова видео завршува со мислата на Лав Толстој, „човекот кога чувствува болка знае дека е жив, а кога чувствува болка за другите, тогаш е човек“, велат овие двајца тетовци.

Мемиши и Ајрулаи направија уште едно видео во кое ја критикуваат некултурата на луѓето кои фрлаат отпадоци насекаде низ градот, а во подготовка е видео со кое сакаат да покажат со какви проблеми се среќаваат возилата на брзата помош кога се движат низ градските улици.

Хасим Мемиши Сопи е актер во Тетовскиот театар, а Енис Ајрулаи го завршил Факултетот за јавна администрација, но, како што вели, бидејќи нема партиска книшка, сега работи во кафуле во Тетово.

error: Content is protected !!