Два случаи на физички напади врз малолетници пријавени во полиција

Во билтенот и информации за повреден пешак, акциски контроли и друго.

43-годишник гостиварско Здуње вчера во СВР Тетово пријавил дека претходниот ден околу 21 часот и 30 минути, во гостиварска Седма зона, неговиот 17-годишен син физички бил нападнат од повеќе лица, од кои две лица од порано ги познавал и имал меѓусебни недоразбирања.

Вчера и 43-годишна гостиварка пријавила дека на улица „Никола Парапунов“ во Гостивар, нејзиниот малолетен син физички бил нападнат од едно лице од Гостивар.

Во двата случаи се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот.

Вчеравечер на улица „Живко Брајковски“ во Гостивар, патничко моторно возило „пежо“ со гостиварски регистарски ознаки што го управувала 51-годишна гостиварка удрило во пешак, 39-годишен жител на Гостивар. Повредениот пешак пренесен е во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“ за укажување на лекарска помош. На местото на несреќата увид извршила екипа од Одделението за внатрешни работи Гостивар.

Во полицијата вчера, 67-годишен гостиварец пријавил каснување од куче скитник.

На регионалниот пат Тетово-Волковија, вчера полициски службеници на СВР Тетово запреле патничко моторно возило „форд мондео“ без регистарски ознаки, што го управувал 63-годишник од кавадаречка Марена, инаку сопственост на жител на гостиварска Долна Бањица, а кое не било регистрирано повеќе од шест месеци. Возилото времено е одземено. По документирање на случајот против возачот ќе следува соодветен поднесок.                                               

Од СВР Тетово информираат и за спроведена сообраќајна акциска контрола за алкохол на поширокото полошко подрачје вчера од 17 до 23 часот, во која вкупно биле откриени и законски санкционирани 5 возачи (ТЕ), кои ги управувале возилата под дејство на алкохол. Сите се исклучени од сообраќај, времено им се одземени возачките дозволи и изготвени им се соодветни поднесоци. При контролата, исто така, откриени се и 15 други видови прекршоци (ТЕ-5 и ГВ-10), кои адекватно биле санкционирани.

Полицијата продолжува да казнува лица кои не носар заштитни маски, па така во текот на изминатото деноноќие на вкупно 46 лицa (ТЕ-31 ГВ-15 изготвени им се прекршочни платни налози, согласно член 6  од соодветната владина Уредба.