Денот на независноста одбележан во Гостивар

Буќет цвеќе, едноминутно молчење во знак на почит кон сите кои го положиле животот за татковината и порака да се чуваат слободарските вредности. Вака во Гостивар беше одбележан Денот на независноста на Македонија. Поради ковид пандемијата, традиционално прославување со свечен собир годинава не се организираше. 

Сепак, гостиварскиот Сојузот на борци реши да го чествува празникот согласно препораките за заштита, со неколкучлена делегација, без гости и други учесници.

„Патот до слободата не бил лесен, затоа сите имаме должност да ја чуваме и градиме нашата земја“, нагласи во обраќањето, претседателот на боречката организација Радислав Ѓиноски.

„Овој исклучителен датум од најновата македонска историја претставува почеток на независна и самостојна македонска држава за која мечтаеле многу генерации, а илјадници ги положија своите животи. Настан кој ни овозможи самостојно да решаваме за нашата сегашнито и иднина. Оттаму сите имаме должност и аманет да ја чуваме и градиме нашата земја, да се бориме за неа, да работиме за неа“, нагласи Ѓиноски.

Осми септември како државен празник е неработен ден за сите граѓани, но во Гостивар не можеше да се забележи некоја празнична атмосфера. Освен истакнати знамиња на јарболите низ градот, се друго беше вообичаена глетка. Скоро сите продавниците беа отворени и работеа, а развдижено беше и на градскиот пазар, со оглед дека вторникот е пазарен ден во Гостивар.

error: Content is protected !!