Ден на културата во сообраќајот – колку во регионот е застапена сообраќајната култура

Потребно е повисоко ниво на култура во сообраќајот и почитување на сообраќајните прописи. Со ваква порака денес се одбележува 11 мај – денот на културата во сообраќајот. Командирот на сообраќајната полиција во Тетово, Зоранчо Талев вели дека сообвраќајната култура е специфичен вид на култура која треба да ја поседува и секојдневно да ја практикува секој учесник во сообраќајот.

„Сообраќајната култура треба да ја поседува секој учесник во сообраќајот. Тоа не значи дека само оние кои управуваат возила треба да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, туку и сите други. Треба да се почитуваме меѓусебно и уште од најмала возраст да ги учиме правилата и прописите, со цел одговорно да се однесуваме и да придонесеме кон помалку несреќи и последици“, вели Талев.

Минатиот месец на поширокото тетовско подрачје регистрирани се вкупно 26 сообраќајни несреќи или 30 помалку во споредба со минатогодишниот април. Во нив нема загинати лица, 1 несреќа завршила со 1 тешко повредено лице, во 11 исто толку лица задобиле телесни повреди, додека во 14 причинета е само материјална штета, информираат од СВР Тетово.

Најчести причини и во текот на април биле неправилно вршење на дејствие и неприлагодена брзина според условите на патот.

error: Content is protected !!