Ден на македонската полиција

По повод Денот на полицијата вчера со посета на нивните вечни почивалишта им беше оддадена почит на трагично загинатите полициски службеници од Тетово и тетовско, меѓу нив и Цоки Стојаноски.

Во рамки на одбележувањето на Денот на македонската полиција 7-ми мај вчера делегации на институции, политички партии, семејството и пријателите му оддадоа почит на полицискиот службеник Цоки Стојаноски, кој загина во воениот конфликт во 2001-та година.

Свежо цвеќе беше положено на неговото вечно почивалиште на православните гробишта во Тетово, а потоа и на спомен бистата подигната во негова чест во Полициската станица за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Цоки Стојановски, загина ноќта на 31-ви јули 2001 година. Тој беше погоден од куршум на пунктот лоциран пред поранешните простории на Радио Тетово. Во 2001 година беше на функцијата командир, а должноста тој ден ја извршуваше на реонот од наплатната рампа кон Гостивар до Станицата за безбедност на патниот сообраќај. Полицаецот Стојаноски, беше познат како човек целосно посветен на службата и на должностите, кои ги извршуваше секогаш со иста совесност. Тој на дело докажа како треба да се обавува должноста полицаец и како треба да се чува и брани Македонија. Загина на 28 години, а по прераната смрт остави зад себе сопруга и две малолетни деца.