Ден на пожарникарство во Македонија
Денот на пожарникарството во Македонија денес беше обележан на тетовскиот плоштад. Пожарникарите ја презентираа својата опрема и демонстрираа вежби за интервенција во кризни моменти. Професијата пожарникар, значи и спасител, па вработените стручно се надоградуваат за интервенција и во други непогоди, како земјотреси, поплави и слично, а сега е обучен тим и за интервенција при истекување токсични материи.
Вработените во Тетовската територијална противпожарна единица Денот на пожарникарството во Македонија го одбележаа на градскиот плоштад, со претставување на опремата и дел од активностите што ги применуваат при нивните интервенции.
Пред присутните граѓани пожарникарите изведоа неколку тактичко-показни вежби – симулација на истекување отровни гасови, вадење жртва во сообраќајна несреќа и спасување при пожар во висококатница.
Противпожарната станица ја покрива територијата на Тетово и околните 5 рурални општини.
Пожарникарите имаат за цел да ги заштитат животите и имотот од настанат пожар, но исто така пружат и друг вид на помош. Оваа професија бара високо ниво на тренинзи.
Во тетовската противпожарна станица под менторство на Операција Флоријан од Велика Британија е обучен тим за интервенција при истекување токсични материи, за првпат во земјава.
Првите професионални противпожарни служби во земјава се основани во 1836 година, а 20 мај се одбележува како Ден на пожарникарството во Македонија.
Данијела Билбилоска