Десет млади спортисти од Гостивар ќе добиваат стипендии

Десет млади истакнати спортски таленти од Гостивар годинава ќе добиваат стипендии од општината, во висина од 3.000 денари месечно. Ваквиот вид на поддршка локалната самоуправа го воведува за прв пат, а целта е да спортистите да се поттикнат и мотивираат за поголеми натамошни успеси.

Одлуката за доделување на стипендиите беше изгласана на денешната седница на Советот на Општина Гостивар.

Советникот и карате ас Берат Јакупи, образложи дека селекцијата на стипендистите била направена врз основа на претходно донесениот Правилник.

„Со стипендиите се опфатени сите активни спортови во Гостивар, а се внимаваше да бидат застапени и сите националности. Го имавме Правилникот и според критериумите кои се наведени во него, не беше тешко да се избере кои спортисти ќе добијат поддршка за оваа година. Прв пат општината доделува ваква помош, јас навистина се надевам дека во иднина ќе го зголемиме бројот на таленти што ќе добиваат стипендии. Гостивар има многу талентирани спортисти на кои им треба поддршка. Тие се амбасадори на градот и го претставуваат во најдобро светло“, рече Јакупи.

Добитници на стипендии од општината годинава се младите таленти: Беркај Шаини, Лука Срафимоски, Редон Сефули, Валентин Божиноски, Игли Хасани, Даим Мухареми, Амина Абдураими, Сара Премческа, Шпат Азизи и Ерион Незири

Меѓу стипендистите има спортисти и спортистки кои се занимаваат со ракомет, кошарка, скијање, фудбал, карате…