Деца запоставени од родителите талкаат по улици во Гостивар

За детството обично се вели дека е најбезгрижниот период од животот. Но, примерот со овие дечиња од Гостивар, докажува дека ова не важи за сите. Наместо во убава семејна атмосфера, или на дружба со врсничиња, тие деновите ги поминуваат по улици. Без вистинска родителска грижа, питаат од минувачи, талкаат бесцелно. Навечер, спијат кадешто ќе најдат. Под ведро небо, во руинирани објекти или згради во изградба.

Ги сретнавме токму на едно такво место во Гостивар. Кратко рекоа дека не сакаат да одат дома, оти од родителите трпат насилство. Потоа се разбегаа.

Случајот не е непознат за гостиварските социјални служби. Стручните лица велат дека се работи за дисфункционално семејство, односно родител, кој злоупотребува алкохол.

„Овие деца немаат адекватни родители, тие ги занемарувале долго време и сега немаат авторитет над нив. Нормално дека кога дете е занемарувано долго време и оставено само на себе, нема да ги почитува родителите, нема да ги слуша. Нема што родителите да се чудат кога тоа ќе се случи. Овие деца имаат домување, има каде да спијат и што да јадат, но негрижата на родителите го направила своето и не сакаат да бидат дома“, вели психологот Билен Карахасан.

Најдобро решение при вакви случаи е згрижување на децата по службен пат, сметаат социјалните работници. Но, сложените процедури и немањето услови го отежнуваат тоа, па проблемот се врти во круг. 

„Најдобра постапка е сместување на овие деца. Како човек што го работи ова, ова е моето мислење. Но, ако ме прашате Зошто тоа не сум го направил, зошто не сум ги сместил, ќе кажам дека немаме место за овие деца. Нема каде да ги однесеме. Ние имаме проблем со болниците, не можеме место да најдеме за болните. Значи, реално имаме системски проблем, и не можеме да ги затвораме очите и да се лажиме. Имаме проблем и треба јасно и гласно да го кажеме тоа, за да можеме да бараме и решение“, вели психологот со долгогодишно искуство во работата со деца на улица.

Службите во Гостивар што работат на оваа проблематика нагласуваат дека ова слични вакви примери има повеќе. Најголемиот проблем го гледаат во неможноста да се интервенира веднаш во сместување и згрижување на децата, со што би се дало простор и време за преземање на други мерки.

error: Content is protected !!