Дислоцирана е бараката за туристичкиот центар во Гостивар

По околу пет месеци, монтажната барака во која треба да проработи Туристички инфо центар за Гостивар е преместена. Од градскиот плоштад каде беше првично поставена, дислоцирана е до Центарот за култура.

Причината за ова, како што објаснува градоначалникот Арбен Таравари, биле реакции на гостиварци кои негодувале привремениот објект да биде на плоштадот. Општината спровела онлајн анкета, а најголем дел од граѓаните ја предложиле новата локација како најсоодветна.

„Вие знаете дека како општинско раководство ние го слушаме гласот на народот. За сите важни прашања, како развојна програма, буџет и слично организираме јавни дебати за граѓаните да кажат што мислат, нешто што претходно беше мислена именка. За бараката имаше реакции, спроведовме онлајн анкета и од околу 200 граѓани повеќе од половината ја посочија оваа локација, каде сега е преместен објектот“, рече градоначалникот.

На првичната локација на бараката се противеше и гостиварскиот огранок на ДУИ, од каде тогаш реагираа дека го попречува движењето на граѓаните на најфреквентното место во градот.

Објектот доживеа две локации, но не и ставање во функција. Ковид пандемијата го одложи неговото отворање. Туристичкиот инфо центар е проект вреден над 20.000 евра, а Општина Гостивар го спроведува во соработка со Центарот за развој на Полошкиот плански регион. Финансиран е од Министерството за локална самоуправа и швајцарската Агенција за развој и соработка.

error: Content is protected !!