Доделени грантови за мали и средни бизниси

Мали и средни фирми од Гостивар добија грантови, како помош во справување со негативните ефекти што ги донесе коронакризата. Се работи за 15 локални бизниси, на кои им беа доделени по 500 евра. Активноста е дел од проектот „Борба против ширењето и ублажување на најсериозните негативни последици од пандемијата Ковид-19 кај маргинализираните заедници на западен Балкан”. Го координира организацијата Care од Косово, додека во Македонија го реализира невладината Месечина од Гостивар.

„Денешната активност е свечено потпишување на договори со 15 мали и средни бизниси, кои или започнуваат или сакаат да го развијат бизнисот, добиваат по 500 евра грантови. Парите се наменети за набавка на машини, алати или репроматеријали што треба да им помогне во ови етешки пандемиски услови да полесно ја надминат кризата.“, рече Мухамед Точи, претседател на Месечина.

Преку истиот проект, претходно беше доделена помош на социјално загрозени семејства, како ранлива група, длабоко погодена од актуелната криза.

Ударот што го нанесе пандемијата врз локалната економија се одразува и врз буџетите на локалните самоуправи. Фирмите немаат средства да ги плаќаат даноците и другите давачки и општинските каси се тенчат.

Проектот за помош на маргинализираните групи е финансиран од Германското сојузно министерство за надворешни работи со вкупно 40 илјади евра.