Доделени наградите на најдобрите ученици од литературниот конкурс по повод Светскиот ден на книгата
По повод 23-ти април – Светскиот ден на книгата и на авторското право, Националната установа библиотека „Кочо Рацин“ – Тетово, организираше свеченост на која беа доделени пофалници и награди на најдобрите од литературниот конкурс на библиотеката токму за меѓународниот ден на книгата. Традиционалниот литературен конкурс беше распишан пред повеќе од еден месец, а истиот се однесуваше за најдобри поетски творби на македонски и албански јазик, на кој учествуваа ученици од основните училишта од Тетово и Тетовско. Темата на овогодинешниот конкурс го носи насловот „Книгата – извор на знаењето“. Ученичките творби ги оценуваше четиричлена комисија.
Светскиот ден на книгата и авторското право, 23-ти април се одбележува, во чест на двајцата великани на светската книжевност Вилјам Шекспир и Мигел де Сервантес. Инаку одлуката за одбележување на Светскиот ден на книгата и на авторското право е донесена на Конференција на УНЕСКО одржана во Париз во 1995 година. Овој ден особено има за цел младите да ги поттикне на читање, да го промовира издаваштвото и заштитата на интелектуалната сопственост по пат на заштита на авторското право.
Ивана Серафимовска