Донација булдожер за ЈП Комуналец Гостивар

Јавното претпријатие Комуналец од Гостивар го поднови возниот парк со ново специјализирано возило булдожер. Возилото е донација обезбедена преку проектот за намалување ризици од поплави во полошкиот регион, што се финансира преку Швајцарската Амбасада и Швајцарската агенција за развој и соработка. На примопредавањето на донацијата присуствуваше и градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари.

„Возилото е донација од Швајцарската Амбасада во Скопје, во рамки на проектот Подобрување на отпорноста на поплави во Полошкиот регион, имплементиран од страна на УНДП. Благодареност за помошта од Швајцарската Влада, која досега во нашиот град има финансирано повеќе капитални активности преку различни проекти.“, изјави градоначалникот Арбен Таравари.

Директорот на Комуналец Исак Лазами исто така се заблагодари на донацијата и нагласи дека возилото ќе биде од значитална корист во работните активности на претпријатието.

Целта на проектот за намалување ризици од поплави во полошко е да поттикне суштинска промена во управувањето со овој ризик, забрзувајќи го преминот од сегашниот пристап кон систем на интегрирано управување со опасноста, ранливоста и изложеноста на населението, со цел да се спречат и намалат влијанијата од идните поплави.