Екологистите реагираат на палењето на Русино, добиле ветување за поголемо обезбедување на депонијата

Екологистите од Гостивар реагираат на зачестените пожари на депонијата Русино, што се случува во последниот период. Изразуваат загриженост дека чадот што се чувствува во градот и околните населени места, може да предизвика сериозни последици за здравјето на граѓаните.

Тв Кис и Менада веќе објави дека во кругот на депонијата честопати гори најразличен отпад, а постои сомнеж дека се работи за намерно палење.

„Русино не е депонија, Русино е само планина на која се депонира секаков вид отпад и состојбата е алармантна за здравјето на гостиварчани и за загадувањето на почвата, водата и воздухот во околината.“, вели Валентина Штерјоска од ГвЕко.

Од Здружението Гв Еко за проблемот ја алармирале и Општина Гостивар. Од градоначалникот Арбен Таравари добиле ветување дека ќе биде подигнато нивото на обезбедување на депонијата.

„Градоначалникот вети дека и покрај тоа што општината тоа многу ќе ја чини ќе постават камери, рефлектори и обезбедување како превенција од палењето. Градоначалникот ни кажа дека пред некое време е формирано заедничко претпријатие за менаџирање со отпад за полошкиот регион за девет општини во соработка со агенцијата за развој од  Швајцарија меѓутоа се уште тој проект е само на хартија. На прашањето  дали Тетово го депонира во Русино отпадот градоначалникот ни одговори дека таков договор не постои и дека во Русино се депонира отпад од Гостивар.“, рече Штерјоска.

Постепеното стандардизирање на Русино, која е регионална за сите полошки општини, треба да отпочне откако ќе профункционира јавното претпријатие формирано за менаџирање со депонијата.

error: Content is protected !!