Елјеса Асани од Гостивар пасиониран читател, годишно чита по 100 книги

За тоа какво богатство се книгите, не треба да се објаснува. И најмалите деца знаат дека читањето носи маѓија и возбуда во животот, ни го размрдува умот, ни ги отвора видиците. Од Гостивар ни доаѓа добар пример за тоа колку и како може да се сакаат книгите. Елјеса Асани е пасиониран читател, кој речиси секој момент од слободното време, има книга во раце. Асани е оџа во гостиварското Муфтиство, човек со многу обврски, но тоа не го спречува да најде простор во своето секојдневние за читање. Неколку години по ред си поставува цел, еден вид предизвик – да чита по 100 книги годишно. 

„Книгите отсекогаш ми биле хоби, а од 2012 година почнав да водам евиденција колку и кои книги ги читам. Во 2017-та одлучив да си поставам предизвик да читам што повеќе и тогаш стигнав до 70 книги, потоа во 2019- до 100 книги и така продолжив и лани. Сакам тоа да ми стане навика до крајот на животот, 100 прочитани книги годишно. Успевам да го менаџирам времето и постигнувам. Не можам да опишам какви се предности ми носи читањето, во врска со градење на ставови, мислење, перцепции за сите нешта“, вели Асани.

Книгите што ги чита се со најразлични содржини, верски, од областа на психологија, медицина, наука, романи итн. Освен на турски, кој му е мајчин јазик, чита на албански, македонски и арапски. Сетоа тоа го прави со план, односно претходно подготвува листа со наслови за годината што следува. Со своето хоби дава пример за помладите генерации.

Асани има завршено додипломски студии и магистратура на теолошките факултети во  Анкара и Бурса, Турција. Повеќепати, ја претставувал Македонија на традиционален Меѓународен натпревар за читање на Куранот и го освојувал првото место во категоријата убаво читање.  

error: Content is protected !!