„Ефектот на мерките за ублажување на последиците од економската криза“

Асоцијацијата за демократска иницијатива во Тетово организираше јавна дебата „Ефектот на мерките за ублажување на последиците од економската криза“. На неа беа презентирани и наодите од националното анкетно истражување за перцепциите и ставови на граѓаните и домаќинствата за инфлацијата во земјава.

Граѓаните се најзагрижени за растот на цените на храната, па на неа најтешко им е да заштедат. Најмногу штедат на електричната енергија, затоа што ги загрижуваат високите сметки. Воедно загрижени се за цените на другите  основни потреби, како гориво и лекови. Ова се дел од резултатите од истражувањето за перцепциите за инфлацијата во земјава кое го спроведе невладината организација АДИ. Истовремено најголем дел од испитаниците, сметаат дека за инфлацијата е виновна Владата.

Универзитетскиот професор Никола Поповски, вели дека Владата се обидела да се справи со кризата со субвенционирање на енергијата и замрзнување на цените на храната, кои беа поздравени од граѓаните, но тие мерки даваат ограничени резултати.  

Според Поповски до крајот на годината инфлацијата ќе се сведе на едноцифрена, ако не настане друг економски шок, во власта треба претпазливо да продолжи.

Ваквите истражувања и дебати невладината организација АДИ ги спроведува со цел да се помогне во напорите за дефинирање на мерки и политики за надминување на последиците од кризата, во која најмногу се погодени посиромашните семејства.

Дебатата се спроведува во рамки на проектот „Придонес кон јавната дебата и мерките за ублажување на последиците од економската криза“, имплементиран од Асоцијација за демократска иницијатива, Здружението за рамноправен развој Решенија за развој и Здружението Пулсот на демократијата ,преку програмата Цивика мобилитас.

Данијела Билбилоска