Жител на Тетово за една недела двапати бил нападнат од бездомни кучиња
Многу ветувања, а изградба на стационар за бездомни кучиња во Тетово ни на повидок. Нема ниту активности за нивно третирање, откако заврши ланскиот тендер. Жителите стравуваат, а пријави за каснувања во полицијата има и по неколку неделно. Жител на градот ги побара новинарите за да раскаже за стравот во кој живее, затоа што во неговата населба постојано има бездомни кучиња кои се агресивни, а Општината останала глува на нивните поплаки.
За една недела двапати бил нападнат од бездомни кучиња пред зградата во која живее во Тетово. Сашко Дамевски, вели дека за среќа не се здобил со повреди, но чувствува голема вознемиреност. Револтиран од состојбата и неуспешните жалби во Општината, преку медиумите побара решавање на овој проблем кој ги засега сите жители во градот.
„Два пати во рок од една недела сум нападнат и сега моментално сум под стрес. Не е сигурно за живеење едноставно. Значи и предходно пуштавме жалби, рекоа дека ќе се отстанат, но џабе. Не знам веќе што да правиме, дали може ова некако дефинитивно да се реши. Не знам друго што да кажам, нека дојде градоначалникот ќе му го дадам моето куче, нека се прошета самиот и да видиме дали ќе биде нападнат“. – изјави Сашко Дамевски, жител на Тетово
Откако заврши тендерот со кој во две акции биле заловени 82 бездомни кучиња, подолго време нема никакви активности на терен за нивно третирање. Не е ни на повидок долговетуваниот стационар. Од локалната самоуправа со одговор дека проблемот е стар и актуелен секаде и дека бараат долгорочно решение.
„Сите знаеме дека се работи за еден проблем којшто не бил сериозно третиран со години и со кој се соочува не само Тетово, туку и целата држава. Ние како Општина Тетово работиме на изнаоѓање на некое долгорочно решение за овој проблем затоа што знаеме дека се потребни и време и финансиски средства. Во меѓувреме бараме трпение од граѓаните но и помош да пријавуваат случаи на истовар на бездомни кучиња од други населени места во нашиот град што знаеме дека во последно време се случува многу често“. – изјави Милена Вучевска, портпарол на Општина Тетово
Во првата половина од годинава во полицијата има 31 пријава од каснување од бездомно куче само во градот, а бројот е поголем ако се земат превид и случаите во руралните средини, каде исто така е актуелен овој проблем.
Данијела Билбилоска