ЖФК Љуботен ги започна подготовките

Женскиот Фудбалски Клуб Љуботен од Тетово ги започна подготовките за пролетниот дел од Првата Женска МФЛ. Сите фудбалерки кои настапуваа во пролетниот дел се јавија на првата прозивка, која ја одржа Шефот на Стручниот штаб, Александар Пишовски, а присуствуваше и новото засилување, репрезентативката Сања Митрески. ЖФК Љуботен комплетните подготовки ќе ги одработи на терените во Тетово и тетовско.

Денеска ја имавме првата прозивка, а веќе од утре започнуваме со тренинзи. Во првата фаза ќе работиме на физичката подготвеност на фудбалерките, а потоа во втората фаза ќе одиграме неколку контролни натпревари – изјави тренерот на ЖФК Љуботен, Александар Пишовски.

Репрезентативката на Македонија до 19 години, Сања Митрески, во редовите на ЖФК Љуботен пристигна од стручкиот прволигаш АС Јунајтед. Таа изрази задоволство од трансферот и пристигнувањето во Тетово.

Моите очекувања се да имам добра минутажа во ЖФК Љуботен и се надевам дека ќе имаме добра сезона и добри резултати – рече Сања Митреска, веднаш после нејзината презентација.

ЖФК Љуботен постои веќе три години, а ова е втора сезона откако клубот се натпреварува во најквалитетната женска фудбалска лига на Македонија. Клубот есенскиот дел од сезоната го заврши на претпоследното, 13-то место на табелата, и во пролетниот дел ги очекува голема борба за опстанок во лигата, доколку, Фудбалската Федерација на Македонија одлучи да се формира и второлигашка конкуренција.

error: Content is protected !!