Заврши зимскиот распуст – учениците се вратија на настава

Од Секторот за јавни дејности при општина Тетово велат дека второто полугодие започна без проблеми.

По тринеделен зимски распуст, учениците денеска се вратија во училишните клупи за второто полугодие од учебната 2019/2020 година. Наставата започна без проблеми во училиштата во Општина Тетово велат од Секторот за јавни дејности, од каде додаваат дека интензивно се работело на подобрување на условите за време на зимскиот период.

– Училиштата се снабдени со греење. Со инвестициите што се реализираа, имаме подобри услови во споредба со првото полугодие во поголем дел од училиштата. Сега останува само да се фокусираме на успехот на учениците и квалитетот на наставата, вели раководителот на Секторот за јавни дејности, Ахмед Ќазими.

Средното училиште „Моша Пијаде“ ќе стане Регионален центар за стручно образование и за обуки, додека во Мала Речица ќе се гради училиште.

-Министерството за образование и наука објави дека ќе се гради ново училиште во Мала Речица, тендерот е во постапка, по што ќе започнат и градежните работи. Според одлука на Владата училиштето Моша Пијаде“ ќе стане Регионален центар за стручно образование и за обуки, многу значаен потег за Тетово и за регионот. Воедно во ова училиште имавме инвестиции за подобрување на условите, додаде Ќазими.

Инаку во општина Тетово повеќе од 10 000 ученика следат настава во основно, додека 6 664 во средно образование.

Данијела Билбилоска

error: Content is protected !!