Завршни зборови за пожарот во модуларната болница на 10 мај

Во тетовскиот Основен суд се одложи главната расправа за пожарот во тетовската модуларна болница, на која требаше да се одржат завршните зборови на Обвинителството и на одбраната.

Завршните зборови во судскиот предмет за пожарот во тетовската модуларна болница во кој загинаа 14 лица ќе бидат кажани на 10 мај, откако денес беше одложена главната расправа поради отсуство на еден од обвинетите. Флорин Бесими не дошол од здравствени причини, висока температура и треска, поради што адвокатот достави лекарска документација.

Доказната постапка за случајот, кој се води во Основниот суд во Тетово, заврши на 6-ти месецов, кога обвинетите одговрија на судијата дека тие нема да дадат исказ.

Поранешните директори, Флорин Бесими и Артан Етеми, се товарат за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, докторот Бобан Вучевски за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, за кое е обвинето и правното лице Клиничка болница, заедно со “предивикување општа опасност“.

Граѓаните кои и денес дојдоа пред судот да му дадат поддршка на доктор Бобан, велат дека очекуваат ослободителна пресуда за него, зашто тој нема никаква вина.

„Ако сакаат да го поправат процентот на доверба во судството која е најниска во државата, тогаш нека размислат за пресудата“.

„Конечно е време да се донесе ослободителна пресуда за докторот, да не доаѓа по овие судници, него местото му е да биде со пациентите“.

Откако ќе се одржат завршните зборови, се очекува да биде соопштена и судската пресуда.

Данијела Билбилоска