Заменик министерката за внатрешни работи во посета на СВР Тетово

Заменик министерката Славјанка Петровска го посети секторот за внатрешни работи Тетово. Таа истакна дека од раководството била запознаена со безбедносната состојба на подрачјето на СВР Тетово.

„Нема нарушувања на јавниот ред и мир ниту поголеми безбедносни закани. Разговаравме и за престојните избори и подготвеноста на колегите од секторот за справување, односно успешно менаџирање на престојните избори – и тука не беа посочени критични точки, теренската работа е поставена, ги извршуваат своите обврски и не очекуваме нарушувања и закани за граѓаните за периодот кој претстои“, рече Петровска.

На прашањето дали наскоро ќе се реши проблемот со недостигот на патни исправи, заменик министерката рече дека се обратила до министерот со цел изнаоѓање опција за побрзо решавање на проблемот.

„Јас реагирав до министерот и службите го известија за проблемот. Го повикавме што побрзо да донесе одлука, за побрзо решавање на проблемот. Правото на граѓаните да имаат патни исправи не смее да се скрати во ниту еден случај. Очекувам брза реакција од министерот, а личните карти се издаваат без проблем. Одговорност мора да има бидејќи издавањето на патните исправи е надлежност на ова министерство“, истакна Петровска.

Ова е прва посета на Петровска во СВР Тетово, во рамките на серијалот посети кои планира да ги оствари и во другите сектори за внатрешни работи во земјава.

error: Content is protected !!