Започна дезинфекција на зградите во Гостивар

Во Гостивар започна да се спроведува дезинфекција на станбените згради како превентивна мерка од ширење на коронавирус. Прскањето го врши екипа на Јавното претпријатие за паркови и зеленило. Активностите стартуваа од населбата Малеарди, каде во текот на вчерашниот ден биле поминати 15-тина згради, а со истото темпо се продолжува и денес. Дезинфекцијата се врши со специјално средство за таа намена, а се прскаат влезовите, ходниците и скалите.

„Ова е мерка којашто ја преземаме за да се намалат ризиците од ширење на коронавирус. Кога ќе завршиме во Малеарди, ќе продолжиме во зградите кај големиот пазар, а планирано е за една недела да ги поминеме сите станбени објекти во Гостивар“, изјави Беким Челебиу, директор на ЈП за паркинг и зеленило.

Од јавното претпријатие нагласуваат дека планирано е да се опфатат сите колективни згради во Гостивар. Нивна проценка е дека акцијата комплетно ќе заврши за околу една недела.

Освен оваа мерка, гостиварската локална самоуправа во текот на следната недела на влезовите на градот ќе постави и пунктови за дезинфекција на возилата коишто влегуваат на територија на Гостивар.

Екипи на јавното претпријатие Комуналец секоја вечер ги мијат и дезинфицираат градските улици.