Започна обуката на наставниот кадар за Националната платформа за онлајн учење

20-тина одделенски наставници денес ја посетија обуката за Националната платформа за онлајн учење, која се одржа во ОУ „Гоце Делчев“.

Во пресрет на почетокот на новата учебна година, наставниот кадар се обучува како да се користи Националната платформа за онлајн учење. Во ОУ „Гоце Делчев“ во Тетово денес се одржа обука за 20-тина одделенски наставници.

Соња Трифуновска, во улога на обучувач, вели дека оваа платформа е новина во нашето образование со која ќе се обезбеди поголема база со образовни материјали, а наставниците ќе се стекнат со дигитални вештини.  

Според предвиденото наставниците за време на часот треба да бидат во училницата, во која ќе може да има и ученици кои тука ќе ја следат наставата, а преку конференциска врска ќе се изведе и далечинско учење.

Со измените на Законите за основно и средно образование, кои вчера ги изгласа Собранието , за време на вонредни околности учебната година може да започне и заврши и во време различно од времето кога вообичаено започнува учебната година, за што ќе одлучува Владата.

Во вонредни услови, со овие законски измени, наставата во основното и средното училиште ќе може да се организира со физичко присуство на учениците, или на далечина со примена на средства за електронска комуникација.

Измените на двата закона предвидуваат и наставниот час да трае пократко од 40 минути, заради поголема заштита на учениците кои ќе следат настава со физичко присуство.

Со законските измени е предвидено и можност за кратење на наставните денови во учебната година од 180 на најмалку до 100.

error: Content is protected !!