Засилени превентивни мерки против коронавирус во училиштата во Гостивар

По појавата на првиот случај на заразен со коронавирус во нашата земја, во училиштата на територијата на Гостивар, деновиве се зголемува нивото на превентивни мерки против ширење на вируси.

Училишните управи согласно препораките на Министерството за образование, организираат едукативни часови и предавања за учениците, поставуваат флаери со информации за мерките на заштита и слично. Општина Гостивар обезбеди дополнители количини на течен сапун и други средства за хигиена, кои во текот на денот се дистрибуираа до школите.

„Во сите училници поставени се флаери со информации кои мерки учениците треба да ги преземат, за заштита од вируси. Се` е добро и сликовито објаснето, и наставниците исто така им ги пренесуваат советите. Сепак, сметам дека елементарното во одржувањето на хигиената треба да дојде од домот, од родителите. “, рече Шпреса Усеини, директор на ОУ „Исмаил Ќемали“ Гостивар.

Во економското училиште во Гостивар бил одржан едукативен час, за средношколците подобро да се запознаат со начините на пренесување и превенцијата од коронавирус. За време на зимскиот распуст била извршена и целосна дезинфекција на објектот.

„Училиштето тековно набавува средства за хигиена, но сега бидејќи има потреба од поголема количина, Општина Гостивар обезбеди дополнителни количини на течен сапун, средства за дезинфекција, тоалетна хартија.“, изјави Тони Ефремоски, директор на училиштето.

Од училиштата во Гостивар кои ги посетивме, рекоа дека немаат забележано помасовни отсуства на ученици од вообичаеното во овој период од годината, ако се земе предвид дека е сезона на грип и настинки.

error: Content is protected !!