Затворена чајџилница во Гостивар и угостителски објекти во Мала Речица

Сопствениците се приведени. Приведен и нарко дилер баран од германската полиција кој се криел во тетовско.

Вчера во 22.50 часот од полициски службеници од Полициска станица Гостивар при извршена контрола на угостителски објект- чајџилница на ул.„18 Ноември“ во Гостивар, сопственост на 45-годишник од Гостивар, констатирано е дека се постапува спротивно на законски пропишаното работно време за време на епидемија, при што во објектот имало 11 гости. Објектот од страна на Државен пазарен инспекторат е затворен, а сопственикот е лишен од слобода и задржан во полициска станица. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена пријава по член 206 од Кривичниот законик – „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.


Предходно во 21.30 часот полициски службеници од СВР Тетово во содејство со инспектори од Државен пазарен инспекторат при извршена контрола на угостителски објект во с.Мала Речица, сопственост на 54-годишник од с.Мала Речица констатирале непостапување по здравствени прописи за време на епидемија при што во објектот имало осум лица. Објектот од страна на Државен пазарен инспекторат е затворен, а сопственикот е лишен од слобода и задржан во полициска станица. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена пријава по член 206 од Кривичниот законик – „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.

Вo Тетово вчера полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка- Отсек за потрага постапија по меѓународна потерница од Интерпол Германија лишиле од слобода 30-годишник кој се барал за сторени кривични дела поврзани со трговија на голема количина на кокаин и марихуана на територијата на Германија, за кое дело според германскиот кривичен закон се предвидува максимална казна затвор од 15 години. Лицето, според законската процедура, ќе биде испорачано на германската полиција.