За повеќето граѓани правењето ајвар е луксуз

Сезоната на правење зимница ги намами граѓаните и денес да излезат на тетовскиот пазар, иако не е пазарен ден.  Некои дојдени само да разгледаат, други и да купат по нешто. Подготовката на зимница секако најпрво го вклучува правењето ајвар, а пиперките-ајварки речиси се продаваат на секоја втора тезга на пазарот. Цената годинава се движи од 35 до 40 денари по килограм пиперки велат продавачите, но истакнуваат и дека побарувачката не е како лани. Намалената продажба на ајварките иако не сакаа да коментираат пред нашата камера, трговците ја препишуваат на економската криза, но и покрај тоа се надеваат дека ќе успеат да продадат барем половина од нивната роба. Поголемиот дел од граѓаните што ги анкетиравме пак, сметаат дека правењето зимница е веќе луксуз и дека оваа есен за тоа нема да има доволно пари.

Според пресметките ако два килограми се потребни за една тегла ајвар, со сегашната цена една тегла би чинела 80 денари без останатите потребни намирници. Цената пак на готов ајвар во маркетите се движи од 150 па сe’ до 300 денари. Инаку, во Македонија годишно се произведуваат околу 50 илјади тони ајварка.   

Ивана Серафимовска