За повеќе паркинг места во Гостивар, дел од паралелното зонско преминува во косо

Недостатокот на паркинг простор е долгогодишен проблем во Гостивар, кој им создава нервози и маки и на возачите и на сообраќајната полиција. Јавното претпријатие надлежно за паркинзите најавува промени во знмското паркирање, токму со цел да се обезбедат дополнителни места за прописно оставање на автомобилите.

Планирано е дел од паралелното паркирање да премине во косо. Анализите каде има потреба и услови тоа да се спроведе, веќе се направени, а периодов течат подготовките за теренските работи. На овој начин во градот ќе се добијат од 200 до 250 паркинг места плус.

„Направивме физибилити студија и од овој месец ќе започнеме со промени во начинот на зонското паркирање, од паралелно на косо. Така ќе се креираат нови паркинг места, и тоа околу 250. Актуелно располагаме со 840 места за паркирање.“, информира Беким Челебиу, директор на ЈП за паркинзи и зеленило.

Според директорот Челебиу минатата година и покрај пандемијата, карантините и полицискиот час, претпријатието успеало да ги заврши планираните проекти и активности. Вели загуба имало, но последните три месеци од 2020-та состојбата се  подобрила. Печалбарите кои периодов, престојуваа во родниот крај се дополнителна финансиска инекција за паркинзи.

За надминување на проблемот со немање доволно паркинг-места во Гостивар, локалната самоуправа во повеќе наврати најавуваше изградба на катна гаража. Според последните најави, објектот би започнал да се гради напролет, а би се ставил во функција наесен.