За првпат во нашата земја е изведена трансплантација на срце

Синоќа, за првпат во нашата земја е изведена трансплантација на срце, односно трансплантација од починат донор. На Клиниката за Кардиохирургија во Скопје, по 6 часа операција, во 2 часот по полноќ беше трансплантирано новото срце во телото на 54-годишниот пациент. Два бубрега од истиот донор се трансплантираа на Клиниката за Урологија кај двајца пациенти со хронична бубрежна слабост кои со години беа на дијализа. 

Од Здружението на пациенти со механичка циркуларна потпора на работа на срцето „Храбро срце“ се среќни што конечно работите се придвижија во позитивна насока, бидејќи тие неколку месеци бараа да се започне итна кампања за органодарителство.

Досега три лица во земјава имаат трансплантација на срце, но операциите ги правеле во странски кардио центри. 40-годишниот Нагип Али од Гостивар, на кого пред 6 години зафатот му бил извршен во Виена, Австрија, вели дека го живее вториот живот. Тој порачува да граѓаните да бидат хумани и органодонорството конечно да добие зелено светло од државата.

 Од Здружението Храбро срце имаат неколку барања, меѓу кои и барањето до Фондот за здравствено осигурување за покривање на трошоците на нивните членови.

Во нашата земја над дваесет лица имаат потреба од трансплантација на срце. Десеттина од нив немаат никаква механичка поддршка, а 11 пациенти моментално имаат вградени пумпи. Најмладиот пациент во земјава кој чека на оваа операција е 13-годишно девојче. За жал, двајца болни веќе починаа и не дочекаа ниту шанса да им биде трансплантирано срце.

Powered by Live Score & Live Score App