За само два дена во гостиварскиот регион нови 23 заразени со корона

Се шири заразата со коронавирус меѓу населението на полошкото подрачје. Во тетовскиот регион бројката на активно болни стигна до 420, додека во гостиварскиот надминува 90. Состојбата со ковид во гостиварско почна да добива сосема поинаква слика во изминатите две недели. Речиси и да нема ден без да се регистрираат новозаболени лица.

Вчера и денес Министерството за здравство потврди 23 нови случаи, од кои 15 во Општина Гостивар, 6 во Општина Врапчиште и 2 во Маврово Ростуше. На зголемен ризик и опасност од корона предупреди и Кризниот штаб, на редовниот неделен состанок. Се претпоставува дека бројките уште ќе растат и поради изборната кампања.

„Моја констатација е дека, за жал во кампањата не се почитуваат мерките. Резултати ќе ги видиме за месец дена“, рече градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари.

Во тетовскиот регион, пак денес се евидентирани вкупно 16 новозаболени со корона. 13 се од Општина Тетово, и по еден во општините Брвеница, Јегуновце и Желино.

Во изминатите денови, најголемиот број од заразените пациенти се од подрачјето на тетовската општина.

error: Content is protected !!