Зголемена потрошувачка на вода во Тетово, надлежните со апел за рационално користење
Пристигнувањето на летото и порастот на дневните температури ја зголемија потрошувачката на вода во Тетово. Потребата од вода за пиење, одржување лична хигиена и готвење е неминовна, но од друга страна се јавува проблемот на нерационално користење на водата. Поради тоа надлежните од работната единица „Водовод и канализација“ при Јавното комунално претпријатие во Тетово, со апел до граѓаните да не се злоупотребува водата за непотребно полнење на базени, миење на дворови и улици како и да се избегнува непотребно наводнување на нивите.
Простор за загриженост нема бидејќи водоснабдувањето во Тетово е во доволни количини, а производството на вода изнесува околу 500 литри во секунда.
Од РЕ „Водовод и канализација“ Тетово, велат дека засега во некои делови од градот има повремени рестрикции во водоснабдувањето поради мали дефекти во водоводната мрежа кои се во времетраење од максимум три часа.
Ивана Серафимовска