Изложба на пастели и промоција на монографија од Павле Кузманоски

Ликовниот уметник, тетовецот Павле Кузманоски, вчеравечер пред тетовската јавност ја претстави колекцијата слики изработени во пастел-техника со наслов „Девојки и сведоци“, а исто така беше промовирана и монографијата насловена како „Урбани пејсажи“ со дела кои тој ги насликал во текот на изминатите 60 години. За делата изработени со пастел-техника, Кузманоски вели дека тоа за него е понаков начин на сликање во којшто тој сакал да се испроба после долго време, додека пак монографијата ја сочинуваат слики и цртежи од улици од Тетово, Скопје, Белград, Париз и други градови.

За монографијата „Урбани пејсажи“ како сублимат на 60 годишното творештво на Кузманоски, во своето промотивно обраќање говореше академик Витомир Митевски.

Инаку, Кузманоски е роден во Тетово во 1939 година. Во 1966 година дипломирал на Академијата за применети уметности во Белград. Претходната година,пак, беше добитник на највисоката државна награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на уметноста.

Ивана Серафимовска