Изложба на слики од ученици во Тетово

Здруженијата „Среќен живот“ и „Златна рака“ од Тетово, во рамки на нивните проекти за поттикнување на креативноста на децата со посебни потреби, во тетовскиот Центар за култура, организираа изложба, на која беа претставени цртежи и слики од децата-учесници во проектите.

Изложба на слики изработени од ученици во редовните паралелки и ученици со попреченост од седум основни училишта од Општина Јегуновце и Општина Теарце, денес беше претставена во фоајето на Центарот за култура во Тетово. Изложбата е завршната активност во рамки на проектот работилници за поттикнување на креативноста на деца со посебни потреби „И ние сме креативни“ во организација и реализација на Здружението за поддршка на семејства, поединци и групи „Среќен живот“ од Тетово.

На изложбата исто така беа претставени и креативни дела од деца со попреченост, изработени во рамки на проектот „И ние сме како другите“ кој го спроведе Здружението „Златна рака“ од Тетово.

На претставниците од училиштата вклучени во проектите им беа доделени сертификати. Настанот беше заокружен со коктел за присутните.

Ивана Серафимовска