Изложба на фотографии на сараевскиот фотограф Нихад Нино Пушија
Внимателно одбран колаж од фотографии направени низ објективот на сараевецот Нихад Нино Пушија кој долго време живее и твори во Берлин, Германија, може да се погледнат во изложбениот салон на Музејот на тетовски крај. Балканското секојдневие на уникатен начин доаѓа до израз преку фотографиите на кои авторот вешто прикажува моменти од секојдневниот живот на луѓето низ Балканот во временски период од триесеттина години. Своето воодушевување за фотографиите и уникатниот стил на фотографирање не го криеше и Драги Неделчевски, фотограф и еден од основачите на фото-клубот „Чкрап“ од Тетово, во чија организација е изложбата.
Како што истакнува, Неделчевски, маргинилизираните лица и нивното соочување со суровоста на животот се во фокусот во творечкиот опус на фотографот Нихад Нино Пушија. Неделчевски дополнува и дека тоа што го издвојува Пушија како фотограф е неговата сочувствителност со луѓето фотографирани низ неговиот објектив.
Давор Спасовски од фото-клубот „Чкрап“ пред нашата камера раскажа интересна случка за тоа како фотографиите на Нино Пушија, се најдоа на изложба пред тетовската јавност.
Изложбата на фотографии од Нихад Нино Пушија ќе биде отворена до 26-ти мај.
Ивана Серафимовска