Инклузивно игралиште за деца со попречености во Гостивар

И децата со посебни потреби веќе може да им се радуваат и да се забавуваат со детските игри во градскиот парк во Гостивар. Деновиве во склоп на големото игралиште, кое е омилено катче на најмалите и родителите, поставени се реквизити соодветни за дечињата со попречености.

Ова е прво инклузивно детско игралиште на гостиварска територија. Го обезбеди локалната самоуправа со цел социјализација на децата со посебни потреби, како и надминување на предрасудите и стереотипите.

„Реквизитите за децата со посебни потреби се поставени веднаш до детското игралиште, за да дечињата се социјализираат и да се почувствуваат како еднаков дел од околината.“, вели Аслијан Снопче, раководител на Секторот за образование во Општина Гостивар

Изминатиот период поставени се лулашки, лизгалки и други реквизити и низ неколку гостиварски села, како Чегране, Форино, Чајле и Бањица.

Во меѓувреме течат подготвителни работи за отворање на Центар за деца со посебни потреби и аутизам, во објектот на поранешниот колеџ. Кога точно ќе биде ставен во функција за сега не се знае.

Според одредени податоци на поширокото гостиварско подрачје, кое ги опфаќа општините Гостивар, Маврово Ростуше и Врапчиште има над 270 деца со посебни потреби.

error: Content is protected !!