Исти проблеми и предизвици за Ромите и овој 8-ми април

И на овој 8-ми април – Меѓународниот ден на Ромите, се поставува прашањето колку припадниците на ромската заедница во Македонија ги уживаат правата како останатите граѓани во државата. Сликата којашто низ годините наназад најпрво асоцира на Ромите не е за пофалба, со оглед на тоа дека граѓаните од ромската националност се’ уште на дневна основа се сочуваат со низа проблеми во општественото живеење. Дискриминацијата како најчестиот проблем кој ги прогонува Ромите ја има се’ почесто, од неодамна таков е примерот со децата  Роми во училиште во Битола на кои не им било дозволено да одат на настава бидејќи повеќето од учениците биле Македонци, вели претставничка на ромската заедница во Македонија и вработена во Министерството за труд и социјална политика, Мабера Камбери, која истакнува дека како светла точка конкретно во Тетово и Гостивар во последниот период не се евидентирани случаи на дискриминација и го нагласува добриот соживот во овие општини. 

Немањето лични документи уште еден горлив проблем за припадниците на ромската заедница. Мухамед Точи државниот секретар во Министерството за правда, вели дека нема напредок во имплементација на законот за лицата неевидентирани во матичните книги.

Од друга страна пак, во поглед на образованието, Камбери нагласува дека во споредба со државите од регионот, Македонија може да се пофали со најголема вклученост на Ромите во образовниот процес. 

Питачењето, пак, како честа појава кај дел од ромската популација особено кај малолетните лица принудени од нивните родители е проблем кој не може да се искорени лесно, вели Камбери. 

Инаку, за подобрување на правата и условите во кои живеат припадниците на ромската заедница, во Тетово е формирана посебна проектна единица со програма усвоена од Советот која ќе имплементира проекти во интерес на Ромите. 

Ивана Серафимовска