Итната помош во Гостивар имала над 2.000 пациенти за еден месец

Тимовите на Итната медицинска помош во Гостивар имат полни раце работа. Оваа е една од службите, кои се дирекно вклучени во борбата против ковид, заедно со инфективно и епидемиологија. Од почетокот на пандемијата Итната помош го врши транспортот на заболени пациенти кои имаат потреба да се хоспитализираат. Покрај тоа, не заостануваат и редовните услуги. За помош се обраќаат граѓани со најразлични здравствени тегоби, покачен крвен притисок, болки, повреди и друго.

Во период од еден месец  службата третирала над 2.000 пациенти, во централната амбуланта и на терен.

„Во овој период Итната медицинска помош била многу активна, за еден месец околу 2.000 пациенти добиле услуги. Исто така, преку бројот 194 имало околу 300 повици за различни здравствени потреби, итни случаи, сообраќајки, хронично болни и други болести.“, вели директорот на Здравствен дом во Гостивар, Јамин Синани.

Лекарите ги повторуваат советите и апелите до граѓаните да бидат одговорни кон своето здравје, особено оние коишто спаѓаат во ризичните групи, како хронично болните и постари лица.  Им препорачуваат доследно да се држат до мерките на заштита од ковид и редовно да ја земаат својата терапија. Доколку почувствуваат влошување на здравствената состојба, да побараат лекарска помош.

Според последните податоци од Министерството за здравство, регионот на Гостивар има 795 активно заразени со коронавирус. Минатата недела помина во црвен ковид аларм, со 374 новозаразени.