И Тетово претставено во „Монументал мк“

„Монументал мк“ нова туристичка рута за споменици и бруталистичка архитектура беше промовирана вчера во Скопје.

По повод Денот на народното востание, Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ вчера во Скопје ја промовираше „Монументал МК“ – нова туристичка рута за споменици и бруталистичка архитектура. На настанот беа претставени нов туристички водич и бесплатна мобилна апликација на пет јазици, вебсајт и промотивни сувенири. Оваа тура опфаќа 30 локации во Скопје и другите градови, меѓу кои и Тетово.

Претставникот на проектот, Мишо Докмановиќ потенцираше дека „Монументал МК“ е инспирирана од зголемениот интерес на странските туристи за заборавеното споменично и архитектонско наследство од социјалистичкиот период.

Тетово е претставено во туристичкиот водич на страниците 85 и 86 со Споменикот „Победа“ познат кај народот како Споменикот на револуцијата.

-За изградбата на споменикот бил објавен конкурс на кој победи идејното решение на Борка Аврамова. Борка Аврамова (1924 – 1993) е родена Тетовчанка, која дипломирала скулптура на Академијата за ликовни уметности во Загреб. Аврамова е првата македонска академска вајарка која својата прва самостојна изложба на скулптури ја организираше во 1954 година во Скопје што воедно беше и првата самостојна изложба на жена-уметник во нашата земја. Споменикот е изграден во 1961 година и бил поставен пред тогашната зграда на Општина Тетово. Во 1965 година оваа зграда е урната, а на нејзино место е изграден Домот на културата, се наведува во водичот.

Овој настан се реализираше во рамките на проектот „Споменици и бруталистичка архитектура во Северна Македонија: Поттикнување на туристичката промоција за поддршка на локалниот развој“ имплементиран од страна на ИСИЕ.

Проектот е финансиран од грант на Проектот за развој и промоција на туризмот на Регионалниот совет за соработка и Европската Унија во обид да се придонесе за растот и конкуренцијата на шест економии од Западниот Балкан преку поддршка за развој и промоција на заедничката регионална, културна и алтернативна понуда.

error: Content is protected !!