Камион се преврте на патот Тетово-Скопје, повредени две лица

Од СВР Тетово со апел за поголема внимателност кај возачите особено во зимскиот период од годината.

Возач и сопатник во камион се повредени откако утринава околу 6:30 часот се превртеле со возилото на автопатот Тетово-Скопје. Поради повредите сопатникот е задржан во Тетовската болница за опсервација.

-Товарно мотороно возило марка мерцедес загубило контрола, излетало и се превртело на десната страна од коловозната лента на автопатот Тетово-Скопје кај Добарски натпатник. Во возилото повредени се возачот Ф.А. (48) од Порој и Б.З. (29) од Селце. Однесени се во Тетовската болница за укажување на лекарска помош, изјави Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

  Увид на местото извршила екипа од СВР Тетово. Оттаму апелираат и предупредуваат на поголема внимателност кај возачите во овој период од годината поради маглата, врнежите од дожд, појава на голомразица, како и одрони од камења. Ако патуваат кон Стража, Маврово или Попова Шапка, задолжително да поседуваат зимска опрема и да ја прилагодат брзината според условите на патот.

Од Секторот за внатрешни работи Тетово уште еднаш потсетуваат дека полициските службеници во континуитет спроведуваат засилени контролни активности, во чие средиште се техничката исправност, односно неисправност на возилата, како и брзината со која се движат во и надвор од населените места.

error: Content is protected !!